Прогресивен vs. Рамен данок – FinanceBlog #1

Даноците се јавни давачки кои во денешно време се прибираат од едноставна причина – приходите на јавните претпријатија и фирмите во сопственост на државата не можат да ги подмират растечките побарувања кои ги има општеството и во интерес на општественото добро за учество се „повикувааат“ сите лица кои се дел од тоа општество.

Проникнување на прогресивниот данок

Теоријата за „прогресивен данок“ се појавува кај повеќе економски филозофи и научници во историјата, едни од најзабележаните се Адам Смит и Карл Маркс. Во француската Декларација за правата на човекот и граѓанинот (26 Август 1789 г.) наведена е идејата која вели дека заедничко учество е потребно за одржување на јавната администрација, ред и социјалната рамнотежа. Тоа значи дека секој граѓанин е обврзан да учествува во подмирување на јавните потреби согласно неговите можности и лични приходи. Подоцна, прогресивниот данок наоѓа зачетоци во Комунистичкиот Манифест од 1848 година и користи како еден од основните повици за почеток на Револуцијата на Пролетаријатот и транзиција на општеството од капитализам во комунизам. Во втората половина од 19 век официјално е воведен даночниот систем на САД, подоцна ширејќи се во западноевропските земји.

Основната идеја на прогресивниот данок на личен доход е да се намали учеството во јавните давачки на оние кои имаат помали приходи, за да се ублажат нивните трошоци, на сметка на оние кои не би имале преголем негативен удар во нивните финансии и нормално функционирање доколку учествуваат со поголем процент од нивниот приход во задоволувањето на општествените потреби.

Рамен данок на доход

Рамниот данок во модерна смисла во Европа се појавува првично во Естонија (1994), Летонија (1994), Литванија (1995), Русија (2001), Србија (2003), Украина (2004), Словачка (2004), Грузија (2005) и Романија (2005)*. Рамниот данок е искористен да се замени сложениот систем на пресметка и пријавување на данок на личен доход со систем кој ќе овозможи едноставно пресметување на рамна стапка на данок кој важи за сите обврзници со ист вид на приход. Од државите кои се наведени како носители на воведувањето на рамниот данок, забележлива е тенденцијата на користење на рамни стапки на данок во држави кои се во транзиција од комунизам/социјализам во класични капиталистички општества. Рамниот данок, според многу истражувања на пазарот и инвестициите, е најпогоден за земји во транзиција, нискоразвиени или земји во развој. По завршување на оваа фаза, земјите се приклонуваат кон прогресивниот данок.

Што е подобро?

Она што е јасно за прогресивниот данок е веројатно „најпримамливиот“ начин за намалување на нееднаквоста во дистрибуцијата на богатството во едно општество. Приврзаниците на овој даночен систем како примарен услов го имаат учеството на „побогатите“ во покривање на општествените трошоци и јавните расходи, со цел намалување на „товарот“ на лицата со пониски примања. Наспроти ова, стои рамниот данок по кој сите плаќаат иста стапка која во апсолутен износ се зголемува пропорционално нивните примања. Рамниот данок зема замав помеѓу конзервативните политички и економски елити, како начин за дерегулација, поедноставување на процедурите, намалена државна интервенција во финансиите и пазарот и поттикнување на претприемништвото како главна причина за воведување на ваков вид на даночна стапка. Рамниот данок значи и помало прибирање средства во државниот буџет. Со тоа државата свесно се откажува од повисоки приходи, со цел намалување на трошоците што ги имаат бизнисите за нивно поттикнување и поголеми инвестиции. Дополнително, се намалува и процедурата за пресметка и пријавување на даноците, со што се олеснува и работата на даночната администрација.

Поранешни функционери од социјалдемократските редови на политичарите како Герхард Шредер (Германија) и Геран Персон (Шведска) сметаат дека рамниот данок е функционален во источноевропските земји само заради големиот број фондови и неповратни грантови што Европската Унија им ги дава на располагање.

Каде е Македонија?

No alt text provided for this image

Странски директни инвестиции во Македонија пред и по воведувањето на рамниот данок во 2007 година

Со воведувањето на рамниот данок во 2007 година се зголемија капацитетите на државата за инвестирање и претприемништво. Пораснаа странските инвестиции, се отворија фабрики и со сите слабости што ги имаа, овие фирми вработија голем број луѓе. Развојот на технологијата овозможи отворање на силни ИТ фирми со голем промет на средства, а Македонија стана примамлива дестинација токму заради ниската стапка данок и едноставните процедури во пресметувањето на јавните давачки. Со рамниот данок се воведе пропорционална „рамноправност“ во општеството, заради ниските стапки се намали даночната евазија и на некој начин се поставија основи за градење на постранзиционата економија во Македонија.

Прогресивниот данок, кој се воведе во 2019 година во Македонија, имаше за цел да се намали разликата во „богатството“ на најсиромашните и најбогатите лица во државата и да воведе еден вид „социјална правда“. Овој даночен систем, кој ги таргетира и ги оданочува приходите на физичките лица, укажува дека се планираат поголеми приходи во државниот буџет. За земја како нашата, која веќе постепено се приближува во високозадолжени држави според јавниот долг, а тука е и проблемот со првиот пензиски столб, прибирањето средства значи и олеснување на буџетот и намалување на кредитите што мора да бидат подигнати заради кај нас секогаш присутниот буџетски дефицит.

Што е правилно?

Македонија и денес е држава во развој. Иако тоа многумина одбиваат да го признаат, кај нас транзицијата и нејзините последици се присутни и на денешните пазари на капитал, производи и работна сила. Голем дел од работоспособното население е со „застарени“ размислувања и јавна или тајна желба да се вработи во ионака пренатрупаната јавна администрација.

No alt text provided for this image

Пропонентите на воведување на прогресивниот данок како главна причина за таквата идеја ја даваат можноста за „редистрибуција“ на богатството и намалување на социјалните разлики помеѓу најбогатите и најсиромашните. Но бројките зборуваат нешто различно – Македонија има вредност на GINI коефициент од 0.325**, што е скоро еднаков, дури и помал во споредба со неговото мерење во СФРЈ – држава со силна социјална регулатива. Македонија веќе има искуство со прогресивниот данок до 2007 година и овој коефициент во тој период бил многу повисок.

Прогресивниот данок го дестимулира претприемништвото, што значи дека капиталот и финансиските средства, наместо во високопрофитабилни инвестиции, одат во рентиерство – купување недвижнини и заработка од кирија, која најчесто е дел од сивата економија. Вистинскиот начин на зајакнување на економијата е промоција на претприемништвото, особено она што се занимава со модерни технологии и IT сектор – без големи инвестиции, а со голем профит.

Со прогресивниот данок се „стимулира“ и даночна евазија заради повисоките даночни стапки, што се гледа од анализата на Министерството за финансии. Анализата додатно укажува на одреден број лица кои го напуштиле даночниот систем на Македонија и се префрлиле во некој друг даночен систем и престанале да бидат даночни обврзници кај нас. Тоа се должи и на недовербата која граѓаните ја чувствуваат кон јавните институции заради различни причини. Управата за јавни приходи застапува политика на „самооданочување“ или доброволно пријавување и плаќање даноци. Во моментов, иако никогаш нема да биде јавно признаено, даночната управа е со оскудни капацитети за контрола на влез и излез на лица од даночниот систем, сериозно ослабена за кадри кои можат да го носат товарот што го налага сложеноста на прогресивното оданочување.

На крај, она што е најважно, а и најголем проблем на финансиските политики во Македонија е преземањето нагли чекори без претходна темелна анализа и согласност од носителот на економијата во државата – приватниот сектор. Најважната работа за економијата е предвидливоста – можноста однапред да се знаат чекорите и промените во финансиската законска регулатива за правилно, ефективно и ефикасно да се организираат најзасегнатите.

* Извор – Светска Банка

** Според Државен завод за статистика

Scroll to Top