Каде ми оди платата? – колку пари „ни зема“ државата – FinanceBlog #7

Кога станува збор за платата, лесно е да се фокусираме на она што го носиме дома, но значителен дел од бруто приходот оди во државата. Без разлика дали сте вработен или сопственик на фирма, разбирањето колку придонесувате во даноците, придонесите и другите давачки може да ви даде појасна слика за тоа каде одат вашите пари. Од данок на личен доход до придонеси за пензиско и здравствено осигурување, овие плаќања обезбедуваат функционирање на јавните служби и заштитните фондови на кои се потпираме. Но давачките кон државата не се само оние што ги плаќаме „преку плата“. Во овој блог ќе ги разложиме клучните одбитоци што се плаќаат на државата и колкав процент од секоја плата завршува во државниот буџет.

Бруто vs. нето

Важно е да се прави разлика помеѓу бруто и нето плата. Бруто плата е износот што работникот го заработува во кој се вклучени сите додатоци, бонуси и надоместоци. Од тој износ се одземаат сите придонеси за пензиско и здравствено осигурување и данокот на личен доход. Износот што останува по одземањето на овие давачки ја претставува нето платата. Во суштина, бруто плата е она што го заработуваме, нето плата е она што го носиме дома.

Кој ги плаќа придонесите и данокот?

Постои една забуна во општото разбирање на придонесите и данокот на личен доход. Во редовното работење и работните односи во Македонија од страна на работниците преголемо внимание се дава на износот на нето-плата. Работниците се фокусираат на овој податок од причина што тоа е износот на средства што ги „носиме дома“. Работодавачите се фокусирани на износот на бруто плата од причина што сметаат дека всушност тоа е нивниот „трошок“ за работникот. Реалноста е дека работникот ја заработува бруто платата. Согласно законските одредби работодавачот има обврска да пресмета и задржи соодветен износ на придонеси и данок на личен доход од бруто платата на работникот и истите да ги уплати во фондовите и трезорот во моментот на исплата на платата, наспроти „општиот став“ дека тие давачки ги плаќа работодавачот.

Придонеси и данок на личен доход

Во Македонија постојат четири различни придонеси кои секој вработен мора да ги плаќа:

  • Придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување – 18.8%
  • Придонес за задолжително здравствено осигурување – 7.5%
  • Придонес за осигурување во случај на невработеност – 1.2%
  • Дополнителен придонес за задолжително осигурување во случај на повреда или професионално заболување – 0.5%

По одземање на овие придонеси од износот на бруто платата, се одзема и данок на личен доход – 10%.

income tax, calculator, accounting

Дали е тоа сѐ?

Често забораваме дека освен придонесите и данокот на личен доход, од нашата плата во државниот буџет завршува и солиден процент на ДДВ – данок на додадена вредност. Сѐ она што го купуваме во текот на месецот во себе на еден или друг начин содржи одреден износ на ДДВ. Данокот на додадена вредност, како индиректен данок,иако се наплаќа во сите фази на производство,вкупниот износ секогаш паѓа на товар на последниот потрошувач. Тоа значи дека ДДВ не го плаќаат фирмите, туку го плаќаат последните потрошувачи, најчесто физичките лица.

Ако овде ги додадеме и годишните давачки за даноци на имот, патни такси при регистрирање возило, патарини, како и давачки кон државата од месечната рата за кредит, процентот на давачки кон државата значително се зголемува.

Колку пари всушност ни зема државата?

Со цел да добиеме подобра и попрецизна пресметка, одлучив да ја користам просечната плата во Македонија за месец јуни 2024 година – 41,939.00 ден.

БРУТО ПЛАТА – 63,249.00 денари

– Придонес за ПИО – 18,8% – 11,891.00 денари
– Придонес за здравствено осигурување – 7,5% – 4,744.00 денари
– Придонес во случај на невработеност – 1,2% – 759.00 денари
– Дополнително здравствено осигурување – 0.5% – 316.00 денари

ВКУПНО: 17,710.00 денари

Бруто плата намалена за придонеси – 45,539.00 денари
Лично ослободување – 9,540.00 денари

Даночна основа за ДЛД – 35,999.00 денари
Данок на личен доход – 10% – 3,600.00 денари

НЕТО ПЛАТА – 41,939.00 денари

ДДВ за просечна месечна потрошувачка – 14.5% – 6,081.00 денари
Годишни трошоци (данок на имот, патни такси итн.) поделени на месечна основа – 12 х 583.00 денари

Плата со сите подмирени државни давачки – 35,272.00 денари

Заклучок

Од просечната плата на работник во месец јуни 2024 година во бруто износ од 63,249.00 денари, во државни сметки завршуваат минимум 27,974,00 денари што претставува 44,2% од бруто платата.

Важно е да напоменеме дека во оваа пресметка не ги додадовме средствата кои по основ на режиски трошоци завршуваат во државни фирми (ЕСМ, МЕПСО, ЕВН, Топлификација, телекомуникациски оператори итн.).

Scroll to Top