Претприемништво vs. рентиерство – Што ѝ е потребно на Македонија? – FinanceBlog #9

Развојот на една национална економија во голема мера зависи од претприемачите што работат во таа економија. Способноста, планирањето, трудот, смелоста, инвестирањето и конечно – заработката се важните елементи кои значат раст на БДП на државата. Од друга страна, не сите можат и знаат да бидат претприемачи. По стекнување одреден капитал, голем дел од работниците одлучуваат своите средства да ги „затворат“ во недвижнини и средства за работа. Нивната цел е со изнајмување на набавените средства да креираат приход. Високо ниво на сигурни приливи – мал ризик од неуспех. Но, што тоа значи за државната економија и дали е тоа целта кон која треба да се движиме?

Во потрага по економски раст, земјите имаат за цел да ги оптимизираат придонесите од различни сектори. Два значајни концепти за раст и развој на БДП – претприемништвото и рентиерството – нудат посебна динамика. Додека претприемништвото поттикнува иновации, отворање работни места и поголема продуктивност, рентиерството или изнајмувањето генерира стабилен приход преку инвестиции и услуги во недвижнини. Ќе ги разгледаме овие концепти, како влијаат врз макроекономската слика, рамнотежата што треба да ја постигнат владите за да ги максимизираат националните економски перформанси, а каде се наоѓа и каде се движи Македонија во врска со оваа тема.

Претприемништво: поттикнување на иновации и економски раст

Претприемништвото подразбира создавање нови бизниси, воведување иновативни решенија и проширување на индустриите, а сето тоа директно влијае на БДП на земјата на повеќе начини:

Отворање работни места и намалување на невработеноста – Претприемачите започнуваат нови бизниси кои генерираат вработување, стимулирајќи ја потрошувачката на домаќинствата. Како што повеќе луѓе обезбедуваат работа, расположливиот приход се зголемува, поттикнувајќи ја побарувачката во различни сектори.
Зголемена продуктивност и иновации – Старт-ап и новите бизниси обично имаат за цел да пристапат до постоечките пазари нудејќи поефикасни решенија или нови технологии. Оваа иновација ја зголемува продуктивноста на индустриите, придонесувајќи за повисоко производство и раст на БДП.
Раст на извозот и странски инвестиции – Успешните претприемачи често се прошируваат на меѓународно ниво, креирајќи девизни приливи преку извоз или привлекувајќи странски директни инвестиции (СДИ). Овој прилив ја зајакнува националната економија, промовирајќи одржлив раст.
Ефект на мултипликатор – Претприемачките потфати ги стимулираат поврзаните индустрии – синџири на снабдување, консалтинг и логистика – со што го подобруваат целокупното економско производство.
Accountant Counting Money

High risk – High reward

Во економиите каде што претприемништвото напредува (на пример, САД или Јужна Кореја), растот на БДП има тенденција да биде значителен. Малите бизниси, стартапите и големите корпорации колективно ја зголемуваат продуктивноста, обезбедувајќи долгорочна економска одржливост.

Рентиерство – Постојан извор на економска стабилност

Економијата на изнајмување – што опфаќа недвижен имот, лизинг на опрема и други услуги за изнајмување – придонесува за БДП преку пасивни приходи и услужни активности. Сепак, улогата на овој концепт е повеќе ориентирана кон стабилност отколку динамика.

Стабилен готовински cash-flow преку инвестиции во имот – Недвижностите и средствата за изнајмување обезбедуваат предвидлив прилив на приходи за поединци и бизниси, што придонесува за БДП преку управување со имот, даноци и надоместоци за услуги. Изнајмувањето од големи размери привлекува и инвестиции во недвижнини, особено од институционални инвеститори.
Помал ризик, ограничен потенцијал за раст – За разлика од претприемништвото, изнајмувањето се фокусира на искористување на постоечките ресурси наместо на генерирање на нови производи или услуги. Ова го ограничува нејзиниот капацитет да поттикне иновации, но го прави побезбедна инвестиција во несигурни времиња и кризни фази на глобалната и регионалната економија.
Потрошувачка преку приход од изнајмување – Сопствениците на имот и средства често ги реинвестираат приходите од изнајмување во стоки и услуги, придонесувајќи за домашната потрошувачка. Економскиот раст генериран на овој начин е помалку динамичен од иновациите предизвикани од претприемништвото.

Сигурноста е „кочница“ за растот

Во државите со голема зависност од рентиерство – како што е Монако или региони со зрели пазари на недвижности – БДП расте со постабилна, но побавна стапка, фокусиран на одржување наместо на проширување на продуктивноста. Развиеноста на државата во овој случај дозволува, дури и поттикнува сигурност на сметка на развојот, сметајќи дека е достигнато задоволително ниво на економски раст.

Зошто луѓето избираат изнајмување наместо претприемништво?

Луѓето претпочитаат изнајмување наместо претприемништво поради помалиот ризик и предвидливиот приход што го нуди. Започнувањето бизнис бара значителни финансиски инвестиции, долги часови и подготвеност да се движите низ неизвесноста, без гаранција за успех. Спротивно на тоа, инвестициите за изнајмување – како што е купувањето имот – им овозможуваат на поединците да генерираат пасивен приход без секојдневно вклучување. Дополнително, недвижниот имот и другите средства за изнајмување имаат тенденција да се ценат со текот на времето, обезбедувајќи сигурност и долгорочно богатство.

И до општеството е…

Културните фактори исто така играат улога; во некои општества, стабилноста „има предност“ пред амбицијата, што го прави изнајмувањето атрактивна опција за поединци кои не сакаат ризик. Пристапот до финансирање е уште еден фактор – додека многумина се борат да обезбедат заеми за да започнат бизниси, хипотекарното финансирање за недвижен имот (особено во Македонија) е далеку полесно достапно.

Државниот апарат ни го определува изборот!

И претприемништвото и рентиерството придонесуваат за БДП, но на различни начини. Клучната разлика лежи во потенцијалот за економски раст наспроти стабилноста. Претприемништвото се развива во околина која е изградена за таа цел – раст и развој на бизнисите. Инвеститорите и претприемачите сакаат можност за рамноправна „борба“ за ресурсите на пазарот. На тој начин способните и квалитетните се издвојуваат и ја достигнуваат својата бизнис цел.

Во ситуација како нашата, со континуирана атмосфера на криза и високи нивоа на корупција, каде општата доверба во судството е во ниски едноцифрени вредности, плаќаме данок и на даноците, финансиската контрола е на ниско ниво и со „no-go фирми“ за контрола, стекнуваш предност пред конкуренцијата за 10 минути со отворање профил на веб-платформа за online плаќање, со широки области кои се нерегулирани (дигитални номади, трговија со криптовалути, Payoneer…), каде дури и кредитирањето за старт-ап фирми е рестриктивно и уште многу други услови -логичен е изборот.

Извор: Transparency International – Индекс на корупција

Сигурноста на парите инвестирани во недвижнини, особено за неупатените во инвестирање и претприемништво, е најпримамливата опција. Ако тука го додадеме и фактот дека цената на недвижнините продолжува упорно да расте (и покрај сите предвидувања за пад и криза), нормално и очекувано е тешко (или лесно…) заработените пари да се обезбедат на ваков начин. Лично, не би навлегувал во конспиративни теории за вештачко одржување на цените на недвижнините, но претприемачите и идните инвеститори имаат обврска и овие информации да ги проверат и да ги „вкалкулираат“ во нивната инвестиција.

Каде одиме?

По 33 години независност, Македонија од неразвиена држава стигна до статус на земја во развој. Ако самата фраза не објаснува доволно – кратко ќе објаснам. Единствената цел на земја во развој е да креира микроекономски политики кои на долг рок ќе поттикнат побрз, но и стабилен макроекономски раст. Најниски можни даноци, скратување на непродуктивните трошења, максимизирање на капиталните инвестиции, привлекување СДИ, дерегулација на пазарот со цел поттикнување нови бизниси, засилена контрола – намалување на сива економија и создавање околина за развој на претприемништвото. За држава со ограничени ресурси ова е веројатно единствениот пат до правилен и стабилен развој на економијата.

Рентиерството е одличен концепт од економска гледна точка – неколку пати спомнуваната сигурност и стабилност на приливите и сигурниот cash-flow секогаш ќе бидат атрактивни за „конзервативните“ инвеститори. Но растот и развојот на една држава зависи од нејзиното производство и креирањето додадена вредност на производите и услугите. Од друга страна, развиена држава мора да најде и креира баланс меѓу рентиерството и претприемништвото – да ги исполни сите услови за поттикнување нови бизниси, но и да овозможи поволности во развојот на рентиерството – даночни олеснувања и скратување на административните процедури за инвестирање во таа област.

Држава во развој мора да се насочи кон поттикнување претприемништво и нови бизниси и креирање највисока можна сигурност во полето на бизнис натпревар. Или наједноставно – од кирија се живее, но не се расте и развива. Работа е потребна!

finance, bank, banking

P.S. Што рекоа нашите следачи на Instagram

Им се заблагодарувам на следачите на Instagram профилот на FinanceBuddy.mk што ни помогнаа да го видиме приближно мислењето за идните нивни инвестиции. Се радуваме што процентот на идни претприемачи е скоро еднаков со „конзервативните“ инвеститори кои избираат парите да ги осигураат во недвижнини. Многу поголема е радоста ако го додадеме фактот дека нашата „публика“ се млади луѓе кои инвестираат или набргу ќе инвестираат во свои бизниси.

Следете нѐ на социјалните мрежи каде редовно додаваме содржини, совети и информации од финансискиот и административниот свет.

Scroll to Top